НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани на пригодна свеченост, преку промоција на Алманах со литературни творби по повод 82 години од издавањето на Рациновата стихозбирка Бели Мугри го одбележа патрониот празник на националната установа.
По тој повод, во Фојето 2 на Центарот за култура, вечерва беа промовирани 11-те литературни творби на тема „Како ги доживуваме Рациновите Бели Мугри“ , сметени во Алманах што го издаде националната установа.
-Вечерва го одбележуваме патрониот празник на НУЦК „Бели Мугри“ кој што од оправдани причини беше преместен за денес, наместо на 25 ноември, денот кога во 1939 година излезе од печат делото Бели Мугри на поетот Коста Рацин. Алманахот е збир на литературни творби кои се напишани од 11 автори кои се пријавија на објавениот конкурс и твореа на тема „Како ги доживуваме Рациновите Бели Мугри“. Со објавување на Алманахот всушност одбележуваме 82 години од издавањето на стихозбирката Бели Мугри и го чествуваме патрониот празник на нашата установа, истакна Ана Поп Михаилова, в.д директор на НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани.
Конкурсот што Центарот за култура го објави по повод 82 години од издавањето на стихозбирката Бели Мугри беше од ревијален карактер. На него учествува сите заинтересирани граѓани постари од 16 години, кои твореа песни, раскази, драмски текстови и видувања со мотиви поврзани со стихозбирката на Рацин.
Издавањето на Алманахот е во рамки на годишната програма на Центарот за култура за одбележување на патрониот празник на установата, финансиски поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија и спонзорство на печатницата „Генекс“ – Кочани.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов