Во Фоајето 2 на Центарот за култура „Бели Мугри“ вечерва беше промовиран романот „Ако се родат некакви чувства“ од авторот Блаже Миневски.
Романот е плод на дваесетгодишно истражување на авторот, дело преку кое е прикажана љубовта на големиот македонски револуционер Гоце Делчев и неговата избраничка, учителката од Охрид, Јанка Каневче.
– Во романот за прв пат се објавени документи и фотографии за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче. Станува збор за роман кој врз документи ја реконструира љубовната приказна на Гоце и Јанка. Романот е плод на дваесетгодишна истражувачка работа и е приказна која е малку позната за читателската публика. Насловот на романот „Ако се родат некои чувства“ всушност е изјава на Гоце Делчев два месеци пред да тргне на пат за Баница каде е и убиен и ја споделува на својот пријател и соборец Михаил Герџиков. Тој му дава благослов дека ако нешто му се случи, да се грижи за Јанка и ако некогаш се родат некакви чусвства помеѓу Јанка и Михаил им дава благослов да се земат за маж и жена. Тоа подоцна и се случува, тие по седум години се земаат и имаат деца, истакна Блаже Миневски, автор на делото.
Информаците поместени во романот авторот Миневски заедно со документите и фотографиите ги добива од потомците на Јанка Каневче.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ е добитник на наградата „Рационово признание“ за 2022 год. што се доделува еднаш годишно за најуспешна прозна книга во Македонија.
Книгата е во издаваштво на „Матица македонска“ – Скопје, а поради големиот интерес од читателската публика деновиве од печат излезе и второ издание на романот.
Промотор на книгата беше проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов