Трагично заврши потрагата по исчезнатото 26 – годишно момче од Кавадарци по кое од вчера трагаат полицијата и пожарникарите, а за кое постоеа сомневања дека настрадало во водите на Десниот магистрален канал од хидросистемот на АД „Водостопанство Брегалница“.
Во водите на каналот во близина на селото Бање нешто пред 19 ч. е пронајдено беживотно тело на машко лице. По идентификацијата на лице место било утврдено дека станува збор за лицето кое од вчера е прјавено за исчезнато. Телото е пронајдено откако претходно од АД „Водостопанство Брегалница“ го намалија дотокот на вода во каналскиот систем.
Од Територијалната противпожарна единица – Кочани за интернет – порталот „Гласно“ информираа дека телото е пронајдено заглавено во гранки при што е пристапено кон негово извлекување од каналското корито.
Во моментот полицијата го обезбедува местото каде е пронајден трупот и се чека увид да изврши дежурен јавен обвинител од кочанското јавно обвинителство.
Младото момче било работно ангажирано од страна на велешка фирма која поставува Фотоволтаични централи во близина на Десниот магистрален канал кај селото Тркање.
По него интензивно се трага од вчера кога е пријавено за исчезнато, а во потрагата освен кочанската полиција, пожарникарите и Доброволното противпожарно друштво беа вклучени и екипи и кучиња трагачи од Министерството за внатрешни работи.
И. Матеничарски