Речиси и да нема улица или тротоар во Кочани каде не постои пропадната канализациска шахта, ископ на улицата или несоодветно санирање на ударни дупки.
Учесници во сообраќајот до интернет – порталот „Гласно“ реагираат дека движењето по кочанските сообраќајници претставува вистинска умешност за возачите секојдневно избегнувајки ударни дупки, пропаднати капаци од канализациски шахти и разни ископи кои го попречуваат движењето.
Повеќе од една година возачите реагираат на пропаднатиот капак од канализациска шахта на булеварот „Тодосија Паунов“ кои возачите умешно го избегнуваат при управување со возилото. Реагираат надлежните час поскоро да го санираат додека не се случи сериозно оштетување на возило.
Пред повеќе од месец дена поради приклучување на нов стамбен објект на водоводна мрежа раскопана беше улицата „Димитар Влахов“. Остатоци од ископот се уште стојат и претставуваат сериозен проблем за возачите на улицата која се наоѓа во центарот на градот.
Слична е и ситуацијата кај мостот кај Шопинг центарот каде веќе две седмици по санација на дефект на електричен кабел, просторот е ограден со лента за предупредување и не е вратен во првобитна состојба.
Дури и кога одреден ископ на улица се санира тоа најчесто се врши со поставување на бекатон плочки наместо со асфалт како што е редот.
Учесници во сообраќајот претходно до интернет – порталот „Гласно“ реагираа и на неквалитетното поставување на новите сливни решетки за атмосферска канализација, особен на улицата „Страшо Ербапче“ како и на „Кеј на Револуција“.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов