Просториите на поранешниот Правен факултет вратени на државата

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“  ги врати  во сопственост на државата просториите на поранешниот Правен факултет  во Спомен – домот „АСНОМ“.

Според ректорот на Универзитет Блажо Боев, миграцијата и процесите во државата придонеле за затворањето на дисперзираните студии во Кочани. Исто така, со промена на Законот за основање на УГД, престануваат да постојат и факултетите во Виница и Пробиштип.

Со ова постои можност Општина Кочани  да ги побара просториите од државата во своја сопственост. Сепак Градоналачлникот Илијев истакна  дека тие сеуште размислуваат за ова прашање, иако како што вели, потребно е да се најде права намена за објектот. Општина Кочани има повеќе објекти во своја сопственост што не се во функција, а одржувањето на истите е дополнително оптеретување на буџетот.

Правниот факултет во Кочани започна со работа во 2007 година, како единствен Правен факултет во истокот на Македонија. Своевремено на него се образуваа повеќе од 400 студенти.  Поради атрактивноста на факултетот останува дилемата дали  раководството на Универзитетот  намерно ги затвори дисперзираните студии во Кочани, бидејки истите претставуваа реална закана за опстанокот на Правниот факултет во Штип. Затворањето  на факултетот во Кочани може да се  смета и како колективен  неуспех на сите локални власти кои не успеаа да излобираат, Кочани да остане академски град.

И.Матеничарски

Сподели: