Со двочасовно блокирање на кружниот тек на крстосницата кај двојниот мост во Кочани, граѓаните на мирен протест го искажаа незадоволството против како што велат, насилното депонирање на отпад од другите општини на Градската депонија во Кочани.

Под мотото „Ние, за нашите Животи – против демоцидна депонија“ граѓаните го искажаа револтот од непочитувањето на одлуката на Советот на Општина Кочани од страна на градоначалникот на Кочани за недепонирање на отпад од соседните општини.
– Тука сме да го искажеме нашето незадоволство од неизвршувањето на одлуката на Советот на град Кочани, направена од соседните општини кои покрај забраната за депонирање на отпад почнаа де депонираат отпад на нашата депонија. Одлуката на Советот не е реализирана од нашите надлежни органи на чело со градоначалникот и затоа денес ќе побараме одговор од него зошто не се почитува одлуката. Ние како граѓани не сме против европскиот проект за управување со отпад, ние сакам да ни се даде време да изградиме доверба која е разнишана посебно во последните две години за имплементација на проектот. Сите сме свесни дека фабриката во светиниколско Мечкуевци е само теорија и демагогија. Нашиот цврст став е да го видеме отпочнувањето на изградба на фабриката истиот момент рампите на нашата депонија за соседните општини ќе бидат дигнати. Нашиот страв е дека проектот за изградба на регионалната депонија во Свети Николе ќе се продолжи и повеќе од две години како што е ветено, без конкретна имплементација. Освен тоа што Кочани го прибира ѓубрето од другите општини, друга активност од овој проект воопшто не видовме, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, граѓански активист од Кочани.

На протестот беше истакнато дека ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до градоначалникот на Кочани, директорката на КЈП „Водовод“ и овластените комунални инспектори во општината заради како што велат, грубото кршење на волјата на граѓаните сублимирана во едногласна одлука на Советот на општина Кочани дека на градската депонија во Кочани не смее да се исфрла ѓубрето од другите општини.

Притоа беше истакнато дека протестот нема политичка позадина и е чист граѓански одраз на незадоволството на граѓаните во врска со менаџирањето на Градската депонија.
Насобраната толпа подоцна се упати до пред зградата на локалната самоуправа на Кочани кај Градскиот плоштад каде преку скандирање побараа оставка од локалното раководство. Протестот го продолжија пред Мултикултурниот центар каде Советот на општина Кочани го одржуваше продолжението на 56.седница. Притоа, на влезот се сретнаа со градоначалникот Љупчо Папазов при што во краток разговор со него граѓаните влегоа на седницата на Советот.
На седницата на Советот беше побарано да се почитува донесената одлука за забрана на депонирање отпад од други општини.
-Да се донесе заклучок со кој ние како членови на Советот бараме од оној што стопанисува со депонијата, односно комуналното претпријатие, беспоговорно да ја спроведува претходно донесената одлука да не дозволува депонирање на отпад од општини. Јасно и гласно, значи без исклучоци, за да нема дилеми и некои други моменти, затоа што градоначалникот кажа дека и тој е мета на притисок од некои институции. Ако бидеме единствени, можеме да истраеме зо оваа борба, а ако има разединување, за жал, ќе мора да се оди по друг пат, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани
Предложениот заклучок доби едногласна поддршка од сите советници, со што Советот како основач, му наложува на КЈП„Водовод“ да не им дозволува на комуналните возила од други општини да влегуваат и да исфрлаат отпад на депонијата кај Бели.
И. Матеничарски
Фото: Б. Соколов

