Со двочасовна блокада на градежната механизација на изведувачот на експресниот пат Штип-Кочани, „Синохидро“, жители на селата Бања, Спанчево и Соколарци во општината Чешиново-Облешево го искажаа својот револт со протест, преку кој побараа да им се обзбеди пристапен пат до земјоделските поседи.
Со изградбата на трасата на експресниот пат Штип-Кочани, пристапните полски патишта се блокирани, а пристапот до земјоделските површини оневозможен. Жителите побараа постоечките полски патишта да бидат поврзани се паралелен земјен пат веднаш до експресниот, со што би им се олеснил пристапот до своите ниви.
-Со изградбата на експресниот пат, пристапите до полските патишта ни се блокирани. Од селото Бања до Соколарци во должина од 8 километри, земјоделците немаат пристапен пат до полето. Бараме да се изгради паралелен земјен пат веднаш до експресниот, со широчина од 5 метра, за да може земјоделската механизација да се движи и земјоделците да имаат пристап до земјоделските поседи. Точно е дека има надвозници кај селата Соколарци, Спанчево и Чешиново, но нема пристапен пат до нашите ниви. Кога експресниот пат ќе биде готов, ќе се постават мрежи со што практично земојделците ќе останат отсечени од своите ниви, истакна Драги Минов, земјоделец од село Спанчево.
Месните заедници на трите села неколкупати со писмен допис реагирале до Јавното претпријатие за државни патишта, изведувачот и надзорот на работите и Општина Чешиново-Облешево, но како што велат, одговор од институциите се уште нема.
-Експресниот пат е од големо значење за целиот источен регион. Жителите на овие села се во право бидејки полските патишта се пресечени и немаат пристап за да стигнат до своите ниви. Сите барања од жителите кои се пристигнати до Општина Чешиново-Облешево се препратени до Јавното претпријатие за државни патишта, но досега немаме повратен одговор. Бараме решение, од селото Бања до Соколарци да има помошен пат за да се движи земјоделската механизација, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
На протестот на жителите на трите села присуствуваше и претставник на надзорниот орган кој истакна дека патот се гради согласно проектот кој е изработен уште во 2014 година.
-Планот за изградба на експресниот пат неколкупати е дадена на јавна расправа на локалното население за да дадат мислења, забелешки, предлози пред истиот да биде проектиран и изведен. Пристапни патишта се проектирани и изградени на неколку локации на самата траса. Револтот е реален кај жителите бидејки суштината, односно изградба на агро-пат паралелен со експресниот пат не е предвиден. Сите барања и забелешки кои се пристигнати од страна на жителите до надзорот се проследени до надлежните институции. Изведбата на земјоделскиот пат во овој момент може да се реши на два начина, или да се направи експропријација за потребната квадратура или за брзо решавање на проблемот, земјоделците да отстапат дел своите поседи без за тоа да бараат надоместок за да се направи агро-патот, истакна Предраг Чоловиќ, претставник на надзорониот орган на изградбата на експресниот пат.
Земјоделците очекуваат проблемот сериозно да биде сфатен од надлежните институции и експресно да се најде решение, во спротивно најавија помасовни блокади и граѓанска непослушност.
И. Матеничарски