Протест на оризопроизводителите во Облешево, се бара поголема откупна цена на оризот

Со блокирање на магистралниот пат Штип-Кочани кај селото Обелшево, оризопроизводителите од Кочанско го искажаа својот револт од ниската откупна цена на оризот и незаинтересираноста на власта за решавање на низата проблеми на оризопрозиводителите.

На граѓанскиот протест земјоделците со земјоделска механизација повеќе од еден час го блокираа патниот правец, при што додадоа дека доколку нивните барања не се остварат секојдневно ќе го блокираат магистралниот пат.

-Излегуваме со барања оризовата арпа да не се откупува под 25, а белиот ориз под 50 денари за килограм, што неколку пати се доставувани и до Министерството за земјоделство и до премиерот. За жал, ниту сме повикани, ниту е разговарано со нас. Репроматеријалите за производство се поскапени и до сто отсто, а откупните цени не достигнуваат ниту 18 денари од килограм арпа. На гласање за изборите нема да излегуваме, а на пописот ќе се изјасниме како робови, ние сме робови во сопствената држава, затоа што никој не води сметка за нас, истакна Здравко Арсов, член на организацискиот одбор на протестот.

Оризопроизводителите додадоа дека поради лошите услови за одгледување на ориз сериозно размислуваат да го намалат производството со што директно ќе биде загрозен нивниот опстанок, со оглед на фактот дека државата увезува ориз, а домашното производство стои неоткупено, или се откупува по минимална цена.

-Скоро половина од оризот стое непродаден и по таа цена ние нема да го продаваме. Ние страдаме од откупувачите на ориз, патот треба да биде блокиран од двете страни за да се слушне нашиот глас. Доаѓа ново производство, не можеме да го ожнееме, бидејки нема каде да го складираме. Жетвата почнува за 15 дена, имаме проблем и со откупувачите кои ненавремено ни го исплаќаат откупот . Цената е ниска, со таа цена откупувачите се богатат, а оризопроизодителите не можат да опстанат. 40 отсто од полето не е посеано со ориз, рече Трајчо Јованов, оризопроизводител од Долни Подлог.

„Апелирам дека доколку не дојде до решение на проблемот, народот сам ќе ја преземе одговорноста, ќе се организира и секојдневно ќе прави блокади на патот. Во моментот килограм бел ориз се откупува колку што чини еден леб, со што не се покриваат ниту трошоците за производство. Ова е мирен, народен протест, со кој бараме средба со надлежните за да се дојде до надминување на состојбата. Ова е народен протест и не е политички протест и немаме никаква партиска определба“, истакна Стојче Ташовски, оризопроизводител од Чешиново.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: