Протест пред „Пејпар Мил“ – граѓаните испратија 30 дневен ултиматум до фабриката и надлежните институции

Под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти!“ неколку стотини жители на Кочани денеска излегоа на мирен протест пред фабриката за рециклирање на хартија „Пејпар Мил“, да го искажат незадоволството од џадењето на фабричкиот оџак и неангажираноста на институциите во решавање на повеќегодишниот проблем со загадувањето на Кочани.

Со транспаренти и автомобили, граѓаните прво ја блокираа едната коловозна лента на булеварот „Тодосија Паунов“, од каде се упатија кон влезната капија на фабриката и ги испратија барањата до менаџментот на компанијата и надлежните институциите.

– Во рок од 30 дена имаме три барања до фабриката, Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина. Првенствено е ревидирање на А еколошката дозвола издадена на фабриката. Второто барање е да се инсталира станицата за пречистување на отпадни води, која повеќе од две години не е инсталирана, а е основ за добивање на лиценца од А категорија. И нашето последно барање е до Локалната самоуправа на Кочани, да постави мерач на загадување на воздухот во близина на фабриката. До колку нашите барања не се исполнат протестите ќе се радикализираат, истакнаа од Иницијативата за чист воздух.

Граѓаните на протестот побараа при ревидирање на еколошката дозвола, испуштањето на димни честички да се ограничи на 50 микрограми на метар кубен, како што е законски дозволено, а не 150 микрограми како што стои во дозволата на „Пејпар Мил“. Притоа побараа фабриката во работењето да користи метан, наместо пелети.

Од Иницијативата за чист воздух во Кочани го повикаа градоначалникот на Кочани, советниците во Советот на Општина Кочани и пратениците во Собранието на Р. Македонија од Кочани јавно и недвосмислено да дадат поддршка на граѓанската иницијатива и свој придонес во решавање на проблемот со „Пејпар Мил“ и останатите загадувачи во градот.

Во знак на револт, дел од учесниците на протестот фрлаа со јајца врз управната зграда на фабриката, додека во позадина се слушаа стиховите од песната „Во борба македонски народе“.

Протестот заврши со дефиле од автомобили низ кочанските улици преку кое упатија порака до граѓаните за што помасовна поддршка во следните активности на иницијативата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Видео со клик ОВДЕ.

Сподели: