Група граѓани на Кочани и жители на селото Бели попладнево излегоа на едночасовен мирен предупредувачки протест на стотина метри од Градската депонија на влезот во селото Бели. Причината за протестот е неколкумесечното палење и неконтролирано чадење на депонијата која го загадува воздухот во Кочани и Кочанско.

Без конкретни барања, освен упатена покана до надлежните од Локалната сампуправа, КЈП „Водовод“ – Кочани и Државниот и локален инспекторат за животна средина за средба помина првиот од низата најавени протести против палењето и чадењето на Градската депонија.

– Преку граѓанска иницијатива денеска се собравме да упатиме порака до надежните дека ние сме овде. Ние не сме тука да дадеме укор или да ги навредуваме надлежните, иако го заслужуваат тоа, тука сакаме да изнајдеме заедничко решение. Ги повикуваме утре, во исто време и на исто место да дојдат и да ги слушнат нашите конкретни решенија кои сметаме дека ќе вродат со плод и конечно да се стави крај на проблемот со Градската депонија, истакна Златко Илијев, жител на Кочани.
Граѓански протест попладнево беше од предупредувачки карактер и според организаторите доколку нема слух од надлежните истиот ќе добие на поголема масовност и радикалност.

– Очигледно надлежните немаат доволно сила да загризаат и да работат на решавање на проблемот на жителите. На ваков начин сакаме да ги охрабриме да си ја работат работата за која се платени. Треба да се промени пристапот кон потребите на граѓаните на Кочани, треба да сфатат дека комуналното јавно претпријатие е сервис на граѓаните и пред се треба да ги исполнува обврските кон граѓаните. Не гледам интерес на надлежните во решавање на проблемот, тие најчесто констатираат, односно цело време ја префрлаат топката дека проблемот ќе го решат со образложение дека ќе се реши по отворањето на регионаланата депонија. До отворање на регионалната депонија ние треба да живееме и функционираме нормално, а не да бидеме отруени од согорувањето на Градската депонија, истакна Жаклина Филипова Свеќаровска, советник во Советот на Општина Кочани.

Градската депонија во Кочани изминатиов период е тема на бранување на кочанската јавност. Палењето на депонијата и чадот што го предизвикува истата е проблем што треба да се реши во најбрзо време. Ако претходно Локалната самоуправа и локалниот инспекторат за животна средина не беа надлежни за чадењето на фабричкиот оџак на „Пејпар Мил“, сега ситуацијата е обратна.

Одговорноста за решавањето или нерешавањето на проблемот со кочанската депонија можеби треба да се бара од КЈП „Водовод“ како управител на Градската депонија или пак доколку постојат индиции за намерно потпалување на депонијата заради профит, до надлежните полициско – обвинителски структури.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов