Проширување на дигиталните јавни услуги во Општина Кочани преку „мЗаедница“

Општина Кочани е една од првите во државата којашто ја користи мобилната и веб-апликација „мЗаедница“, која на граѓаните им нуди брза и едноставна комуникација со општината за пријавување проблеми, предлог-решенија и дигитално аплицирање за субвенции.

На работилницата што неделава се одржа во Охрид, на која учествуваше и градоначалникот Љупчо Папазов со административни службеници и претставници на основни училишта, се говореше за претстојната надградба на апликацијата со две нови е-услуги: упис на деца во основни училишта и во градинки, како и за услугата мСоветник како алатка за директна комуникација на граѓаните со избраните членови на Советот.

Истакнувајќи ги предностите од користењето на „мЗаедница“ во Општина Кочани, градоначалникот Папазов се осврна и на потребата од континуирана едукација на општинската администрација за стекнување вештини за примена на дигиталните услуги и посочи дека формалната процедура не треба да биде пречка за дигитализација и сите акти, правилници мора континуирано да се ажурираат поддржувајќи ги дигиталните услуги.

Процесот на дигитализација и овозможувањето дигитални јавни услуги за граѓаните е неопходен за општините и овој пристап треба да биде стратешки и континуиран, за да има реални промени, поквалитетни услуги и задоволни граѓани – беше заклучено на Тркалезната маса на тема „Предизвици и можности за добро локално владеење во дигитална ера“ организирана од Центарот за социјални иновации Блинк 42–21.

Сподели: