Пуштен во функција реконструираниот главен потисен цевковод од водоводниот систем на КЈП „Водовод“

Локалната самоуправа на Општина Кочани ја заврши реализацијата на проектот за реконструкција на дел од главниот потисен цевковод во должина од 2.2 километри од водосистемот на КЈП „Водовод“  – Кочани.

На промоцијата на завршницата на проектот денеска во Кочани присуствуваше претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој заедно со градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов и директорот на КЈП „Водовод“, Иван Иванови го посетија Бунарскиот систем „Грдовси орман“ при што официјално го пуштија во употреба реконструираниот дел од цевководот.

– Денес се наоѓаме во комплексот Бунарски систем на КЈП „Водовод“ – Кочани, каде го објавуваме завршувањето на проектот за изградба и реконструкција на главниот потисен цевковод во должина од 2.2 километри во вредност од околу 44,5 милиони денари. Со реконструкцијата добивме еден стабилен систем за водоснабдување, ги намалуваме загубите и во делот на можноста за земјоделците да пристапат до своите земјоделски површини со почеток на сезоната за наводнување, се покриени со датумот за извршување на нивните активности – изјави градоначалникот Папазов.

Папазов додаде дека обврската на Општина Кочани била да ја спроведе постапката на експропријација на трасата по која се изведуваше проектот, и обврска заедно со изведувачот на работите да се вратат парцелите во првобитната состојба.

 – Тука бевме на почетокот на активностите некаде во декември, сега сме април и можеме да кажеме дека за помалку од 4 месеци е изведена целата траса и сите технички технолошки зафати кои се неопходни за да се добие нова функционална целина. Општината исто така во делот на административните работи беспрекорно ги завршува своите активности и очекувам  и понатаму да се продолжи со реконструкција на водоводниот систем – истакна  Мицкоски.

Мицкоски додаде дека реконструкцијата е исклучително значаен момент за жителите на Кочани. Со неа драстично ќе се намалат техничките загуби во самиот цевковод, а жителите на Кочани ќе добијат поквалитетна вода која што е од особено значење за нивното функционирање.

Со замената на цевководот, КЈП „Водовод“ ќе може да обезбеди максималниот капацитет до потрошувачите од 280 литри вода во секунда.

Реализацијата на проектот за реконструкција на дел од потисниот цевковод од водоводниот систем е со средства кои Општина Кочани ги доби со одлука на Владата на Р. Македонија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: