Радиоаматери од Кочани за време на пожарите активно вклучени во Радиомрежата за опасност како поддршка на надлежните институции

Преку таканаречени радиоаматерски скедови, радиоаматери од Кочани и Македонија на дневна основа меѓусебно споделуваат информации во врска со состојбите со пожарите во државата со што нудат дополнителни информации за надлежите државни служби и поддршка во меѓусебната координација на вклучените институции.

Преку репетиторската мрежа на Солунска глава, Туртел и Водно, радиоаматерите во точно утврден термин, наутро и навечер споделуваат информации од својот регион во врска со пожарите, како дел од  Радиомрежата за опасност која е комуникациски сервис во вонредни околности.

-Примарна цел на Радиомрежата за опасност е пружање на телекомуникациско-информативна поддршка со технички средства за врски и стручен кадар на органите задолжени за справување со кризните ситуации. При елементарни катастрофи најчесто затајува конвенционалниот систем на комуникации, интернетот и телефонијата поради недостаток  на електрична енергија како редовна појава при овие катастфори. Во вакви ситуации се користат алтернативни врски за пренос на информации како добар и докажан метод кој функционира само со радиостаница и батериско напојување од батерија или акумулатор, а воедно  се мобилни. Ваквата радиомрежа за опасност се активира во вакви ситуации како поддршка на институциите и за полесна комуникација. Преку ваквите т.н „скедови“ се јавуваат радиоаматери од други општини со кои комуницираме за актуелниите состојби, пренесуваме информации до институциите и сме на располагање во било кое време за поддршка, истакна Ване Јаневски, радиоаматер од Кочани вклучен во сервисот на Радиомрежата за опасност.

За важноста и употребата на радиоаматерството вовонредни ситуации свое искуство сподели и Митко Богоев, кочанчанец кој десет години живее во Германија и се занимава со радиоаматерство.

-Веќе 10 години живеам во Германија и сум член на локален радиоаматерски клуб. И покрај се поизразениот број на нови техники за телекомуникација во случај на елементарни непогоди, се случува да снема електрична енергија и така многу од овие средства за комуникација затајуваат. Се служиме со алтернативни средства кои ги користат радиоаматерите во светот и така излегуваме во пресрет на граѓаните и на другите институции за да можат да стапат во контакт. Пред некој месец во поплавите во Германија се случи да затајат телефонските и интернет врск.  Големи територии беа комуникациски отсечени поради недостаток на електрична енергија и  многу радиоаматери помогнаа да се стапи во контакт со отсечените предели во Германија, истакна Богоев.

Радиомрежа за опасност е комуникациски сервис во вонредни околности, а се организира на доброволна основа. Притоа се користи репетиторската мрежа на Радиоаматерската асоцијација на С. Македонија, а опремата за комуникација може да се  монтирана во автомобили и брзо да се транспортира.

И. Матеничарски

Сподели: