„Рак не е само хороскопски знак“ – отворена изложба на дела на уметникот Сокол Марковски

Во просториите на Салон фоаје 2 во НУЦК „Бели Мугри” во Кочани вечерва беше отворена петтата самостојна изложба на уметникот Сокол Марковски насловена „Рак не е само хороскопски знак“.

Сликите се изработени во периодот од 2020 до 2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.

– Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба, соопшти уметникот.

Сокол Марковски е роден во 1966 година во Скопје. Завршил во ГУЦ „Здравко Цветковски”, архитектонски оддел во 1986 година. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, на Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 12 мај.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: