Синоќа во салата на Мултикултурниот центар во Коча се одржа предавање на тема „Рана детекција и превенција на деца од предучилишна возраст“.
По повод Неделата на детето, предавањето го организираше Општина Кочани во соработка со ЈОУ Детска градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани. Целта на предавањето беше да се детектираат раните знаци на аномалии кај децата од предучилишна возраст со цел да се превенираат. Идејата вакво предавање да влезе во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани за 2024 година, произлезе од постојаното укажување на големиот број деца со нетипичен развој во градинките и тешкотиите да им се соопшти на родителите потребата да се работи со нив во периодот кога најлесно може да се добијат резултати, а тоа се првите три години од развојот на детето.
Предавачи беа Марија Хаџиева Митевска од Кочани, специјален едукатор и рехабилитатор и Ирина Лозана од Скопје, тренер и едукатор за родители и деца со нетипичен развој, воедно и мајка на дете со аутизам.
Хаџиева Митевска укажа на штетноста од употребата на уредите со екрани и големата потреба од игра на децата во предучилишната возраст, наведувајќи на кој начин да се работи со нив, додека Ирина Лозана го опиша личното искуство на дете со попреченост и потребата од смирение и спокој на родителот откако ќе се соочи со дијагнозата. Лозана говореше и за важноста на родителот за развојот на детето во секоја животна фаза, како и за состојбите пред поставувањето на дијагнозата.
Предавањето го следеа родители, воспитувачи и негуватели во ЈОУДГ „Павлина Велјанова“.