Распишан нов јавен повик за членови на Младинскиот совет на Општина Кочани

По одржаната трета седница на Локалното собрание на млади на Општина Кочани на 26 ноември 2021 година, од страна на членовите на Собранието, беше изгласано повторно распишување на јавниот повик за пријавување членови на Младинскиот совет на Општина Кочани, заради недоволен број номинирани кандидати на претходно распишаниот јавен повик во месец јули годинава.

Новораспишаниот јавен повик за членови на Младинскиот совет на Општина Кочани се распишува денес 29.11.2021 година и ќе трае петнаесет дена до 13.12.2021 година.

Во ова претставничко тело можат да членуваат младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички организации, студентски организации, млади луѓе – жители на Кочани од 15 до 29 години и други облици на младинско здружување кои работат и функционираат на територија на општина Кочани.

Локалната самоуправа ги повикува сите заинтересирани млади кои ги исполнуваат наведените услови да се пријават на распишаниот јавен повик, бидејќи младинското здружување во едно општество е најмоќниот глас кон одредени промени и напредоци.

Потребните документи можат да се достават преку електронски пат, на e – mail адресата на службеникот за млади, Славица Давиткова – s.davitkova@kocani.gov.mk или преку Архивата на Општина Кочани (ул. „Раде Кратовче“ бр.1).

Локалниот младински совет ќе има за функција да ги штити интересите на младите луѓе од Кочани, ќе организира различни активности, политики и проекти кои ќе водат кон усовршување и подобрување на животот на младите во Кочани.

По формирањето на советот на млади на Општина Кочани, предвидено е отварање на Канцеларија за млади, наменета токму за потребите и активностите на овој орган.

Сподели: