Голем дел од фасадата на ОУ „Малина Попиванова“ е веќе завршена.
Училишната зграда доби нова современа термо фасада, а од раководството на училиштето најавуваат фасадирање и на останатиот дел. Во тек е изработката на проектот за промена на кровната конструкција и прозорците во училишната сала.
-Завршен е дел од фасадатa на училишната зграда од 993 квадратни метри од предната страна на училиштето, бочните страни и откај задниот влез на училишната зграда. Останатиот дел ќе биде фасадиран за што веќе изработуваме проект за апликација. Во изработка е и проект за промена на кровната констуркција и прозорците во училишната сала. Воедно, донесени се и 15 инвертер клима уреди, донација од Владата, а во целата училишна зграда променето е осветлувањето со 145 вградени светилки со што драстично се намалени трошоците за електрична енергија, соопшти Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“ – Кочани.
Од неодамна училиштето ангажираше и Агенција за обезбедување на училишната зграда со цел да се зачуваат новите реквизити во училиштето и во училишниот двор.
Во однос на наставата Петров истакна дека иако со мали недостатоци и проблеми сепак успешно заврши првото полугодие.
Во тек се подготовките за второто полугодие од оваа учебна година. Во однос на заштита од КОВИД-19 Петров истакна дека уште пред стартот набавени се средства за дезинфекција на сите простории и обебздени се сите услови за наставата онлајн да продолжи на 21 јануари, а за учениците од прво до трето одделение со физичко присуство.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов