Расфрлан градежен смет и железни конструкции кои ја узурприраат тротоарската површина е сликата која ги иритира пешаците кои го користат тротоарот пред зградата на Подрачната единица на Агенцијата за катастар на недвижности во центарот на градот.
По завршување на фасадата на зградата чија реконструкција траеше скоро цела година, изведувачот на работите зад себе остави слика од расфрлан отпад која не доликува за централното градско подрачје на градот.
Граѓаните до редакцијата на интернет – порталот „Гласно“ реагираат дека лошата слика која остана по завршување на реконструкцијата треба час поскоро да биде променета, при што упатија забелешка до Локалната самоуправа и комуналните служби и редари кои треба да го опоменат изведувачот и институцијата за да си го соберат отпадот и остатокот од метални конструкции.
Претходно, граѓани реагираа на бавната изведба на фасадата поради која тротоарот скоро цела година беше узурпиран, па тие мораа небезбедно да се движат по коловозот на улицата.
Освен едногодишното узурпирање на тротоарот, граѓаните беа оневозможени и да паркираат на платените паркинг места пред зградата на Подрачната единица на Агенцијата за катастар на недвижности. Тоа создаваше дополнителен проблем на возачите со оглед дека има огромен недостаток на паркинг места во градот, како и за КЈП „Водовод“ кои цела година не можеа да наплата паркинг на обележаните места.
Оставањето на отпад на јавни површини по завршување на градежните работи е честа појава во Кочани, па како пример може да биде и реконструкцијата на Градскиот парк каде иако работите се во завршна фаза отпад од градежен смет и шут има на секој чекор.
И. Матеничарски