Реми за „Осогово“ во Пехчево

Кит-Го Пехчево и Осогово го одиграа највозбудливиот натпревар на колото во Втората лига – Исток (ВМФЛ), а истиот понуди шест гола и заврши без победник (3-3).

Домаќините имаа предност, ги казнија грешките на Осогово, но „жолто-сините“ не се предадоа и дојдоа до бод на незгодното гостување.

Кит-Го брзо дојде до водство. Марио Рунтев во 5. минута одлично украде топка на 30 метри од половината на гостите, го проигра Ступиќ кој од десната страна прекрасно нафрли пред голот на Осогово каде Владимир Дујовски од непосредна близина прецизно стрелаше за 1-0. Доминацијата на Кит-Го донесе плод и во 30. минута кога Димоски од левата страна сега извонредно центрираше а сосема слично како први првиот погодок од непосредна близина Тони Мичковски погоди за 2-0.

Осогово го намали резултатот во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме. По досуден пенал за гостите, најпрво Мартин Давкков го одбрани ударот од белата точка на Стојанче Велинов но на одбиената топка повторно натрча капитенот на гостите и погоди за 1-2. Во второто полувреме, избраниците на Емил Грнев брзо го вратија двојното водство, откако реализатор беше Дарко Алексовски од пенал во 54. минута, но во финишот од средбата следеше целосна деконцетрација во одбраната на Кит Го и кам-бек на противникот. Осогово најпрво од прекин дојде до 3-2 во 82. минута со голот на Тоше Манов, а потоа и до израмнување со ефектен гол од далечина на Диме Иванов во 87. минута.

Во следното 3-то коло „Осогово“ го пречекува „Тиквеш“.

Резултати од 2-рото коло:

„Кит Го“ – „Осогово“  3:3

„Слога 1934“ – „Каменица Саса“  2:1

„Брегалница“ – „Плачковица“  3:1

„Тиквеш“ – „Кожуф“  1:1

„Победа“ – „Росоман“  3:0

Сподели: