Гимнастичарот Ристе Симеонов од клубот за гимнастички спортови „Кочани“ е избран за спортист на Кочани за 2021 година. Изборот го направија новинарите од дел од локалните медиуми од Кочани, врз основ на успесите на младиот гимнастичар во минатата година.
На втората позиција според бројот на гласови се најде Стефанија Павлова од ЏК „Гладијатор“, додека Дино Лазарев од КК „Баскет Дино“ беше треторангиран.
Членовите на џудо клубот„Гладијатор“ оваа година се покажаа најуспешни со повеќе признанија и учество на натпревари. Поради ова, ЏК „Гладијатор“ е избрана за најдобра екипа за 2021 година.
Признанието најдобар тренер во 2021 година му припадна на Александар Андов, од ГФК „Осогово“ – Кочани.
Признанието – плакета за развој на кошарката во Кочани, постхумно ќе му биде доделено на Сашо Лазарев – Чапо, како личност што има дадено особен придонес во развој на кошарката како спорт во Кочани.
Комисијата одлучи годинава да додели признанија на сите предложени спортисти во категоријата млад надежен спортист на Кочани за 2021 година.
Изборот го направија новинарите од локалните медиуми, „Радио Кочани ФМ“, „Телевизија Кочани ЛД“ и порталот „Гласно“.
Манифестацијата за доделување на признанијата и наградите на најдобрите спортисти е планирана да се одржи следниот понеделник, на 31 јануари.
И. Матеничарски