РК „Младинец“ поуспешен од винички „Торо Спорт“

Во саботата во салата во ОУ „Никола Карев“ во рамките на Југоисток лигата се одигра дербито на истокот помеѓу лутите ривали РК „Младинец“ и гостинот од Виница, екипата на „Торо Спорт“. Натпреварот го доби „Младинец“ со резултат 31-29 (15-15).

Конечниот резултат е вистинска слика на тоа што се случуваше на теренот. Максимално изедначен натпревар кој беше решен пред самиот крај.

Во првото полувреме во поголемиот дел домаќините ја имаа контролата, дури и неколкупати сo водство од  3 гола разлика, но пред самиот крај на полувремето, по  неколкуте грешки гостинската екипа ги искористи за на  полувреме да се  замине со нерешен резултат 15-15.

Во вториот дел максимално изедначен натпревар, двете екипи се менуваа со водството, за на крај ракометарите на „Младинец“ во неизвесен финиш да победат со 31:29. Овој натпревар беше директна борба за втората позиција која води на Ф4 во месец мај.

Кочанските ракометари  сега се на втората позиција во натпреварувањето и во следните натпревари треба да ја задржат и остварат зацртаната цел, пласман на завршниот турнир. Следен натпревар е закажан за викендов што претстои, повторно на домашен терен против екипата на „Астраион“ од Струмица.

Сподели: