Родителите на починатите во трагедијата во „Пулс“ на денешниот 25-ти протестен „Марш за ангелите“ директно се обратија до Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски при што изразија сомнеж дека обвинителниот акт за случајот е резултат на силен политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај.



Родителите рекоа дека наместо вистина и целосна одговорност сведоци се на пропусти и прикривања, при што биле принудени сами да го анализираат обвинителниот акт за да укажат на грешките. Поразително за нив е тоа што дел од осомничените се со мерки на претпазливост и лица кои си ја купиле својата слобода со пари. Притоа, прашаа што ќе биде со тие лица, дали правдата важи само за оние кои имаат пари и врски и дали тие треба да платат, за да се вратат нивните деца.

-Ова е навреда за правдата и за целиот правен систем. Вашата должност е да обезбедите еднаков третман пред законот, а не да создавате систем во кој богатите и влијателните се неприкосновени. Свесни сме дека постојат уште докази против други лица кои намерно не ги изнесувате. Со тоа не само што ја нарушувате правдата, туку и сторувате кривично дело, согласно Кривичниот законик. За тоа ќе има одговорност. Се сомневаме дека вашата постапка е резултат на силен политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај. Но, колку и да се обидувате да ја сокриете вистината, таа ќе излезе на виделина. Бараме целосно презентирање на сите докази, јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт, проширување на обвинението и кон други вмешани лица како и итно преиспитување на решението за домашен притвор и обезбедување еднаков третман за сите осомничени, соопшти Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј, Стефан Тасев.


Протестниот марш започна од Паркот на револуцијата до Трговскиот центар и зградата на Управата за јавни приходи. Потоа продолжи кон полициската станица. Попатно, родителите десетина минути го блокираа кружниот тек кај двојниот мост во Кочани и оставија транспаренти со пораки по што се упатија пред зградата на Основниот суд и обвинителство.


-Дали Вие , премиерот, претседателката на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Судскиот совет и сите носители на највисоки функции – досега не се запрашавте дека од 16.03.2025 година повеќе немате функција? Вие имате мисија. Мисија дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема! Затоа што држава без вистински правен поредок, без здравствен систем кој го спасува животот на граѓаните, без образование кое гради иднина – тоа не е држава. А одговорноста за тоа, денес и утре, ќе ја носите токму Вие – затоа што молчевте кога требаше да зборувате, и бегавте кога требаше да застанете пред народот! Историјата нема да ве праша кои функции сте ги извршувале, туку дали ја исполнивте мисијата да ја сочувате државата и да го вратите достоинството на нејзините граѓани. Но ако имате храброст да се издигнете над партиските интереси и личните калкулации, тогаш имате можност да влезете во историјата како луѓе кои ја спасија татковината. Изборот е ваш – дали ќе бидете гробари на државата или нејзини спасители. Нашите деца заслужуваат правда. Ние нема да молчиме и нема да се помириме, додаде Тасева.


Протестниот „Марш за ангелите“ заврши онаму кадешто и почна, во Паркот на револуцијата во Кочани.
И. Матеничарски




