Со едночасовна блокада на собраќајот на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани, родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ од денеска ги започнаа најавените блокади што ќе се одржуваат секој ден во периодот од 15:15 до 16:15 ч.


Родителите останаа на ставот дека блокадите ќе продолжат се додека не почне судењето за случајот и во зависност од текот на судењето. Револтирани се од односот на дел од адвокатите на обвинетите кои во јавни изјави говорат дека судењето за „Пулс“ може да трае десетина години, што на некој начин ја подготвуваат јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот што тоа родителите нема да го дозволат.

Притоа ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.

-Нашето трпение е веќе при крај, се потешко и секој ден се повеќе стрес и виктимизација на жртвите, нашите деца ги убиваат повторно и повторно со нивните изјави на обвинети, на крај ќе излезе дека ние родителите и нашите деца сме виновни, рече Светлана Стојанова, мајка на починатиот Андреј од Оризари.
Родителите се децидни дека правдата не смее да се одолговлекува заради нечии интереси и адвокатски игри.

-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членовите на семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар на 16 март во дискотеката.


Родителите ги повикаа граѓаните масовно да ги поддржат блокадите, бидејки борбата за правда за случајот не е борба само за нивните деца туку и за генерациите во иднина, за вакви трагедии кадешто системот целосно затаил никогаш да не се повторат.
И. Матеничарски



