„Родителски фронт“ започна со собирање потписи за петицијата „Не за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“

Здружението на граѓани „Родителски фронт“ денеска во Кочани ја започна иницијативата за собирање на потписи за петицијата „Не за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“.

Станува збор за иницијатива која почна пред десетина дена од Струмица, кога Здружението на граѓани „Родителски фронт“ започна со кампања против родовата идеологија и индоктринација на децата во образовниот процес.

– „Родителскиот фронт“ е против наметнувањето на родовата идеологија преку која се отвора можност за постепено уништување на семејството и општеството. Само родителите имаат право да одлучуваат за своите деца, а не некои родови идеолози, бидејки родителот најдобро знае што е најдобро за своето дете. Сите сме за реформи во образовниот систем и за неговото подобрување. Но проблемите нема да се решат со наметнатата родова идеологија. Со ова се разурнува здравото потомство и семејство. Затоа „Родителскиот фронт“ ќе преземе низа активности со кои нема да дозволи да имаме доживотно осакатени деца и ќе покажеме дека сите сме за зачувување на традиционалните семејни вредности. Ве повикувам сите, масовно да дојдете и да се потпишете на оваа петиција и да кажеме едно големо не на родовата идеологија во училиштата и на програмите и актите во општината, истакна Ненад Стојанов од „Родителски фронт“.

Граѓанска организација ги застапува и промовира традиционалните вредности и правата на децата, поттикнат од родовата пропаганда и родовата идеологија која, како што велат, противзаконито и без согласност на родителите се инфилтрира во наставните програми во училиштата.

Инаку на настанот се собираа потписи – Петиција „НЕ за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“, а собирањето потписи ќе продолжи и во наредните денови од 19 ч. во Градскиот трговски центар во Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: