Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани, во рамки на кампањата „Вози одговорно“ денеска спроведоа едукативна активност со цел подигање на свеста на возачите за важноста на безбедноста во сообраќајот.
Претставници на РСБСП и полициски службеници од ПС Кочани на улицата „Маршал Тито“ , делеа едукативни флаери на тема штетните последици од управувањето на моторно возило под дејство на алкохол како и последици од неодговорното учество во сообраќајот.
Воедно, на учесниците во сообраќајот и минувачите им беа делени брендирани заштитни маски со логото на РСБСП со цел заштита од болеста КОВИД-19.
-Изминатата година на ниво на држава 132 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а околу 6000 се повредени. Оваа година статистичките податоци покажуваат дека за првите шест месеци има значително намалување на бројот на загинати и повредени лица, но сепак кога станува збор за човечки живот не можеме да кажеме дека ова бројка е задоволителна. Апелираме граѓаните и учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, истакна Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во рамки на кампањата „Вози одговорно“ караванот на РСБСП посети повеќе од дваесет градови во Македонија, со цел едукација, превенција и подигање на свеста на учесниците во сообраќајот за последиците и ризикот од неодговорното однесување во сообраќајот.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов