РСБСП со кампања за безбедно возење со трактор

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Отсекот за превенција при СВР-Штип спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата „Безбедно возење со трактор“, на подрачјето на селата Горни и Долни Подлог.

-Во оваа кампања ние делиме ротациони светла кои ќе ги означуваат тракторите и рефлектирачки ленти кои се лепат на предната и задната страна за подобра видливост на тракторот при управување. Апелираме до трактористите да управуваат технички исправни трактори, со сопирачки кои се во исправна состојба, како и исправно осветлување на тракторот како еден од основните елементи за видливост и правилно движење во сообраќајот, истакна  Гордана Кожуваровска, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

Во прилог на кампањата,  од РСБСП истакнуваат дека секоја година по неколку возачи на трактор и  патници на трактор или приколка го губат животот  во сообраќајни незгоди.  Во првите  6 месеци, во 2020 година,  1 возач на трактор го загубил животот  во сообраќајна незгода а 12 се повредени.

 Во летните месеци, според неофицијалните податоци на РСБСП, најмалку уште двајца возачи на трактор го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Од РСБСП исто така потенцираат дека не се во прашање само возачите на трактори, тука се и патниците, т.е лицата кои се превезуваат на трактор или приколка, а и останатите учесници во сообраќајот кои страдаат во сообраќајни незгоди во кои едно од возилата учесници во незгодата е трактор или приколка. 

И.Матеничарски

Сподели: