„Руен Инокс Автомобиле“ ја обнови хуманата традиција – спроведена крводарителска акција за вработените

По подолг временски период, компанијата „Руен Инокс Автомобиле“  ја обнови хуманата традиција на поранешното претпријатие „Руен“ и организираше крводарителска акција за вработените во компанијата.

27 хумани дарители, вработени во „Руен Инокс Автомобиле“ денеска даруваа крв и покажаа вистински пример на хуманост и општествена солидарност.

– По повеќе од 15 години, компанијата „Руен Инокс Автомобиле“ денеска ја обновува традицијата на поранешното претпријатие „Руен“ и организира крводарителска акција наменета за вработените во компанијата. Постои голема заинтересираност, со надеж дека во иднина бројката на дарители ќе се зголемува бидејки планираме  оваа крводарителска акција да стане традиционална и да ја организираме еднаш годишно. Во самата фабрика има висок ризик на работа, честопати на наши вработени им е потребна крв која ја обезбедуваме преку Институтот за трансфузиона медицина и  Црвен крст и затоа преку овој гест сакаме да испратиме порака за хуманост и да се заблагодариме на сите крводарители, истакна Стојан Велков, раководител на секторот за човечки ресурси „Руен Инокс автомобиле“.

Акцијата се спроведе во соработка  со општинскиот Црвен крст и екипа од  Институтот за трансфузиона медицина – Штип.

Крводарителската акција во „Руен Инокс Автомобиле“ е пример за општествено и одговорно однесување кон заедницата кој треба да биде следен и од останатите компании, но и институции во Кочани.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: