По повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, делегација составена од градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и членови на Советот, од Сојузот на Здружението на борците од НОВ, како и партиски делегации положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.
– Денес е голем и убав ден, ден за да се потсетиме на нашето историско минато за ослободувањето на градот Кочани од фашистичките окупатори. Ден за да се потсетиме и да се заблагодариме на луѓето заслужни за денешната слобода што ја уживаме, и да се потсетиме за обврските што стојат пред нас – да го почитуваме и да го негуваме нашето историско минато, да го штитиме и да дејствуваме во правец на подигнување на квалитетот на животот во нашата општина. Во оваа прилика сакам на сите граѓани на општина Кочани да им ги честитам 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември – Денот на независна и суверена Македонија. Нека е за многу години – истакна градоначалникот Папазов во празничната честитка.
Со оддавањето почит на паднатите борци за слобода, започна одбележувањето на 78-годишнината од ослободувањето на Кочани од бугарскиот фашистички окупатор, кое ќе продолжи со свечена седница на Советот на Општината, што ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 ч. во салата на Мултикултурниот центар.