33- годишниот Александар Јанков од Кочани беше најсреќниот и успеа прв да го извади Светиот крст од водите на Кочанска река, по повод празникот Богојавление – Водици.

На традиционалната верска манифестација, Јанков беше најбрз од 31 пријавено момче кои оваа година скокнаа по крстот. За Јанков ова е втора среќа како го фаќа крстот.

– Ова ми е дваесетта година како се фрлам по крстот, втор пат го фаќам, еднаш во 2006 година и еве по 18 години пак во 2024 год. Посакувам на сите православни христијани, многу здравје, среќа, бериќет и душевен мир. Ќе го посетиме секој христијански дом и ќе го вратиме крстот во светата Црква, рече 33- годишниот Јанков.

Храмот „Св. Вмч Георгиј“ го даруваше Јанков со Библија, традиционално, градоначалникот Љупчо Папазов во името на граѓаните на Кочани му подари златник, а компанијата „Зегин“ вредносен ваучер.

Чинот на осветување на водите на Кочанска река и потопување на Светиот крст го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани. Претходно, во кочанскиот црковен храм се одржа Света Божествена литургија и традиционална лицитација на икони од страна на верниците.

– Бог се јави. Нека е честит и вечен празникот, нека донесе многу здравје, радост и благосостојба, мир во светот и благослов на сите луѓе кои живеат во Кочани и светот. Како и секојпат низ вековите и денеска кај народот постои таа жива вера и традиција и самото присуство на луѓето покажува дека има и силна вера и ја почитуваат традицијата, истакна Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на сите верници им го честита празникот Богојавление – Водици, со желби за здравје, среќа и бериќет.

Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на Кочанска Река присуствуваа голем број верници.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов



