Поради пандемијата со болеста КОВИД-19 годинава изостануваат традиционалните активности за одбележување на 5-ти Октомври, Светскиот ден на учителите.
Сепак, тоа не беше причина денешниот ден да не го посветиме токму на една од најблагородните професии во општеството.
Учителите имаат значајна улога во детскиот развој преку нивниот придонес во образувањето и воспитувањето, преку менторирање, мотивирање и афирмација на знаењето што им го пренесуваат на децата. Но, нивната улога на педагози и воспитувачи е подеднакво важна и во улогата на пријатели на учениците и заштитници на креативниот и интелектуален развој на младите генерации.
Во специфични услови и со онлајн настава предизвикот со кој се соочуваат и учителите и учениците е голем.
-Ние наставниците сме ставени пред предизвикот да поучуваме за време на пандемија и тоа го правиме најдобро што можеме, учејки заедно со нашите ученици како најдобро во време на пандемија да успееме да го пренесеме материјалот и да ги поучиме нашите ученици. Не е исто да се биде учител во училиштето и преку далечинско учење. Јас искрено се надевам и посакувам оваа пандемија да заврши што побрзо за да можеме да се вратиме во училиштето, бидејки гледајки ги лицата на нашите ученици дознаваме дали ја разбрале материјата, дали нешто е нејасно или сакаат нешто да прашаат. Преку далечинското учење можеме само да пренесуваме знаења, но повратно знаење од учениците е тешко да се очекува, рече Љупка Стојменова, професор по Македонски јазик и литература
Денот на учителите оваа година поради пандемијата нема да се одбележи како што беше порано со прогласување на најдобрите учители на ниво на државата, туку само со обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Светскиот ден на учителот е прогласен од страна на МОТ и УНЕСКО од 1994 година . Годинашново одбележување е под мотото „Наставниците-водачи во кризата и ресоздавачи на иднината“.
И.Матеничарски