Основното општинско училиште „Никола Карев“ вечерва на свечена академија во преполната сала на НУЦК „Бели Мугри“ го одбележа патрониот празник на училиштето.

По повод 119 години од смртта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, чие име го носи кочанското училиште, учениците и вработените приредија свечена програма со ритмичко-сценски и музички содржини.

– И годинава нашето училиште бележи низа успеси реализирани со проекти како што е уредување на училишната зграда и дворните површини, опрема и материјални ресурси со цел одржување на поквалитетна настава и поголеми резултати на сите ученици. Помеѓу двата патроната го уредивме постоечкиот дневен престој и отворањето на новиот. Опремувањето на училишниот двор со детски игралишта и пристапни патеки. Поставени се клупи за рекреација, паркинг рампа и обезбеден дополнителен паркинг простор. Во иднина приоритет ќе ни биде престојот на учениците и вработените во училиштето, со нови реквизити и опрема, истакна Александар Андов, директор на ООУ „Никола Карев“.

Во рамки на одбележувањето на патрониот празник, утре, 27 април, делегации ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на херојот во Паркот на Револуцијата, кај с. Тркање и на местото на загинување во месноста Свиланово, во близина на селото Рајчани.

Воедно, во училишниот двор ќе биде откриено ново спомен обележје на патронот Никола Карев.
И. Матеничарски




