„Секој петок по една“ – Аптека

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Аптека

Штеф во Нервно

Пишува: Доне Донев

Стево А. или како што цел град си го знаевме како Штеф, требало да плати некоја висока казна за непочитување на работното време.

Имено тој имаше кафеана во центарот на градот каде што и живееше. Некој правник му поткажал (кој ако не Трајче Трендов со кого беа неразделни) ако докажат оти Штеф во абнормална состојба го направил тоа и го пратат на боледување во болницата во Штип, нема да плати казна.

Отишол Трајче кај д-р Стево, го замолил да го упатат Штеф за Штип во Нервно одделение. Отишол Штеф здрав и прав и се правел оти е болен. Требало барем десетина дена да „одлежи“ за да се види оти бил нервно „растроен“ за да не ја плати казната. Лежел Штеф ден-два и во визита му дошол д-р Самарџиски. Од разговорот увидел оти Штеф е здрав и прав, а знаејќи за што се работи (Трајче случајот не го оставилсам, му кажал и на д-р Самарџиски), го посетувал по два-три пати на ден.

Едноставно му било забавно и интересно со Штеф. Штеф, којшто беше љубител на добрата капка, секој ден од продавницата во дворот на болницата си купувал по две (понекогаш и три) чоканчиња (за помладите да објаснам оти тоа беа мали шишенца од 100 милилитри) ракија. Едно за наутро, едно (или две) за навечер.
За да не го откријат чистачите, а за да не го видат во дворот како ги фрла шишињата, Штеф ги криел под креветот. Претпоследниот ден д-р Самарџиски ги забележал шишенцата и ништо не му рекол на Штеф.

Заминал и отишол кај персоналот, поточно кај сестрата што ги издавала лековите (мини аптеката), па й рекол:

-Ова ли ти е аптека? Сè ти е расфрлано и несредено. Оди во соба број 5 кај пациентот Стево А. да видиш што е аптека. Под креветот така му е средено да му позавидат сите аптекари/крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: