„Секој петок по една“ – Баничка

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Баничка

Меѓу Доне Донев и келнер од Кавадарци

Пишува: Доне Донев

Со кавадарчани нашиот Дом на културата „Бели мугри“ и нивниот Дом на културата имавме голема соработка. Јас учествував како актер – аматер во нашиот Дом на културата.

Во Кавадарци требаше да ја прикажуваме претставата „Ноќи на гневот“ од Салакру. Претставата требаше да започне во 20 часот. Ние пристигнавме во 17 часот. Ја ѕирнавме сцената и излеговме да се прошетаме.


Отидовме во најблиската кафеана. Седнавме. Јас бев со техничкиот персонал: Со чичо Јоцо Џамо, со Мишо Црногорецо, со Гоше Бујуко, а на другата маса беа: Тошето Лазаров, Киро Герасимов, Благојчо Јосифов – Бацо, Ванчо Арсов – Сељако, Димче Спасов -Димацо и други. Секој што сакаше нарача. Некој пиво, некој мастика, некој чај, а јас нарачав кафе. Келнерот ме праша какво кафе сакам: благо, средно или горко.

Му реков ако сака кафето да ми го донесе во лажичка, сирово, неварено, а водата и шеќерот да се посебно. Некако збунето ме гледаше. Дојде, ја донесе порачката, а јас пред него од лажичката директно го ставив кафето во устата, па после шеќерот и водата ги испив заедно. Ме гледаше со неверување.


Од другата маса Бацо и Тошето ми направиле „каша“. По петнаесетина минути како да се тетеравеше, едвај дојде келнерот до мене со еден подавалник (послужавник). На подавалникот имаше: чаша вода, пакетче шеќер, малку сол, брашно, прашок за печиво и хартија за печење. Со недоверлив глас ми рече:

-Другар, од другата маса другарите те честат баничка. На здравје!!!


По ова сите гласно се насмеавме./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial