101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Бонбониера
За Гоше К. и Благојчо А. (ГРОТЕСКА)
Пишува: Доне Донев
Со мене во гимназијата работеше Ѓорги К., попознат како „Китката“. И навистина беше како китка. Мирен, стабилен, со никого не се караше или расправаше. Сè што ќе кажеше беше на место. Беше храбар во сè. Дури и од ништо не се плашеше. Беше каратист (и уште е активен). Зборувам во минато време зашто сега не работи, пензионер е. Мене ми беше тренер и уште пред многу, многу години имаше црн појас.
Еден ден со неговиот другар Благојчо тргнале кон браната „Гратче“ за да ловат риби. Било летно време. Горештина. Пекол. Околу пладне, кога е најжешко во грмушките до нив слушнале нешто како шушти. Се свртеле и виделе смок. Гоше веднаш се стрчнал и во мигот го фатил. Го ставиле во една од торбите и го донеле во градот. Од штотуку неизедената бонбониера од Гошета ги изеле последните бонбони, купиле целофан и украсна хартија. Го ставиле смокот во кутијата. Го спакувале убаво. Ја украсиле бонбониерата и тргнале во трговскиот центар. Таму многу често навраќал, сега не знам како се викаше, но го викаа Караѓоз. Пред многу денови се фалел оти од ништо не се плаши. Како што велел и самиот „ни од сабја, ни од куршум“, камоли од некое животинче. Го чекале, го чекале, го начекале. Му ја знаеле насоката каде се движи и додека Гоше го замуабетувал, Благојчо ја ставил бонбониерата на фонтаната и внимавал некој да не налета, освен Караѓоз.
Кога Гоше завршил со разговорот, Караѓоз тргнал кон фонтаната и само што тргнал, ја видел, ја грабнал и побегнал. Гоше и Благојчо се стрчале по него да видат каде ќе отиде. Тој отишол во „тунелот“ во трговскиот центар и во еден од влезовите се скрил и почнал да ја отвора кутијата. Кога ја отворил и видел што има, толку многу вреснал, ја испуштил и почнал, силно врескајќи, да оди во влезот на станарите, од што речиси сите излегле. Го прашувале што му е, а тој велел „Смок, смок у бонбониерата“. Луѓето се чуделе и велеле оти човекот откачил со паметот. Во 22 часот навечер, во зградата смок – а мајката. Гоше го зел смокот и заедно со Благојчо го однеле на блискиот рид Локубија./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов