„Секој петок по една“ – Бричена глава

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Меѓу Стојан Џамо и жена му Љубинка

Пишува: Доне Донев

Бричена глава

Стојан Џамо беше возач. Понекогаш, по уморната работа сакал да седне и да се напие малку. Инаку, сите кажуваат оти бил дисциплиниран. Кога возел никако не пиел.

Еднаш во кафеаната кај Сане (се наоѓаше во барака кај денешните семафори во Стришани, веднаш под фонтаната) се поднапил малку повеќе и „боцкаџиите“ што седеле со него му рекле да си ја обричи главата ако сака да не му се кара сопругата. На местото кај денешната „пиљарница“ (на Цебата) имаше берберница. Берберницата беше оддалечена од кафеаната само десетина метри.

Отишол Стојан. Му ја обрикле главата и доцна вечерта, да не кажеме во утринските часови, кога сите спиеле, си легнал. Само што си легнал, по половина час му се пришло во тоалет. Станал, ја запалил светилката и тргнал кон тоалетот. Кога дошол пред огледалото (заборавил оти си ја обрикол косата), погледнал кон огледалото и бидејќи уште не бил отрезнет, почнал да вика по сопругата:

– Љубинко, Љубинко, брзо спасувај ме! У собата дошле двајца и сакаат да ме нападнат.

Станала жената, видела оти нема никој, го видела оти е пијан и со избричена глава, и си легнала./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: