101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Глувонемиот студент
За мене како глувонем
Пишува: Доне Донев
Погоре спомнав оти сум носел долга брада и мустаќи, па сум се обричел. Ми беше малклу чудно и невообичаено одеднаш ваков лизен-мазен, па решив да испробам стар рецепт чуен од поранешни студенти од Белград. Во собата од бараката имавме една кутија од старо радио коешто однадвор изгледаше како да е во исправ-
на состојба, а во кутијата чувавме непотребни стари работи кои беа исфрлени од зградата на деканатот од Земјоделскиот факултет којшто беше во наша близина. Во радиото – кутија имаше стара мастилница со две кутии, имаше разни перодршки, како и стари печати. Имавме и машина за пишување на која пишувавме текстови за „Студентски збор“. На машината на српскохрватски јазик го напишав следниот текст:
„Зовем се Петровиќ Славко. Ја сам глухонеми дечак. Имам петоро браќа са којима живим. Ми живимо сами. Наши родитељи су се раставили и оставили нас саме. Путе овога ја их издржавам. Молим све граѓанке и граѓане ширум Југославије ако могу да нам помогну у новац и одеќу. Дубоко захвалан Петровиќ Славко, скупштина Брчко“.
Листот хартија малку повеќе го изгужвавме како да изгледа постар, а од старите печати некако успеавме некако да напишеме оти потврдата ја издава општина Брчко. По ова заедно со цимерот тргнавме од соба на соба, од барака на барака, како и населба во населба, вклучувајќи ги и студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Гоце Делчев“. Тргнавме…
Од соба на соба, од барака на барака, од населба во населба, од дом во дом. Стигнавме во населбата „Невена Георгиева – Дуња“. Таму имаше многу кочанчани и кочанчанки. Во една од собите беа мои сограѓани (меѓу нив еден мој втор братучед – сега покоен) кои беа нешто развикани. Тропнав на вратата и влегов без да очекувам одговор (нели сум глувонем). Додека цимерот чекаше, им го подадов ливчето, тие читаа и си го подаваа еден на друг и кој како можеше и имаше, даваше по некој динар (кажавме тогаш беа динари, не денари). Додека еден од цимерите (реков сите беа кочанчани) вадеше да ми даде динари (како сега десет денари), братучедот ме позна и извика:
– А бе, мајмун, шо ги брукаш твојте. Шо ќе биде ако дознаат. Цело Кочани ќе ти се смее. За пеза си. А бе не му давајте ништо, нели гледате оти е Доне Донев.
– Како бе Доне, па он има брада и мустаќи, а овој е голобрад. Јас молчев и го гледав како ништо да не слушам. Другите ми дадоа по нешто, само братучедот не ми даде. Јас немо го гледав, упорно. Еден од нив полугласно рече да фрлат железна пара, па ако сум се свртел, ќе знаеле оти не сум глувонем, а ако не сум се свртел, значи сум глувонем. Јас упорно, упорно молчев. Ја фрлија парата, а мене око не ми трепна. Ми ги дадоа парите што ми ги дадоа (а меѓу нив и братучедот) и некои стари влечиња, а јас на излегување реков:
– Е Пеци, Пеци, виде ли оти не сум Доне Донев и оти сум глувонем, при што сите грмнаа од смеење и почнаа да ме водат од соба во соба./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов