„Секој петок по една“ – Гудето иска чинчарка

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Гудето иска чинчарка

Меѓу мене и Боро С.

Пишува: Доне Донев

Осумдесеттите години почнав со градба на мојата куќа. Се сменија многу мајстори. Не бев задоволен од нивната работа речиси од никого. Таква среќата ми била. Ама кога требаше да се мачка фасадата, од еден не да бев задоволен, туку и презадоволен. Немам зборови со кои ќе можам да го пофалам. Работеше како за себе. Тоа беше Боро С. По професија беше домаќин во СОУ „Љупчо Сантов“. Го викаа Боро Жутио.

Се договоривме од саатнина да ми работи, а не од квадратен метар. Дојде човекот и што да ти кажувам, ние со Лапето – Драги Цветанов (мој другар од работните младински акции) бевме задолжени да го правиме бетонот и да му го доставуваме, а тој да мачка. Јас на бетономешалката, а Лапето на количката. После некое време се менувавме. Јас на количката, а Лапето на бетономешалката. Беше петок. Време за ручек. Кочанчани, а чинам и поголемиот дел во Македонија на овој ден јадат грав (по кочански боб). Ручавме што ручавме, запаливме по една цигара јас и Боро (Лапето не пушеше), па почнавме секакви разговори. Јас, да ми простите, прднав. Потем уште неколку пати, а Лапето рече: „Аман бе Доне, престани веќе еднаш“, на што чичко Боро коментираше:

– Гудето (по кочански гуде е свинче) грди, грди, ама изгледа иска с некоја чинчарка (кочанка) да му затнеме устата!!

Но тука не е крајот. По испушувањето на цигарите, почнавме да работиме. По еден час дојде татко ми да види до каде е работата. Боро ме праша дали смее да каже што сум направил, а јас му одговорив оти слободно може да каже. Кажа Боро што кажа, а татко ми рече:

– Тоа не е ништо. Он шо имаше еден чичо Филе – ма секоја минута можеше да прдне, цел ден, само ако сакаше.

На ова чичко Боро прокоментира: „Ееее чичко Мијале, ама ме утеши, сега полесно ми е!!!/крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: