„Секој петок по една“ – Док уѓе – изаѓе

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

За близнаците Ѕвонко и Зоран и полковникот

Пишува: Доне Донев

Док уѓе – изаѓе

Годината војничка 1983/1984 со моите најдраги другари од младинските работни акции, близнаците Зоран и Ѕвонко Тодоровски, заминавме во јуни месец 1983 година на отслужување на воениот рок во Сараево. Бевме многу среќни оти ќе бидеме во ист град. Иако не бевме во иста касарна, се гледавме скоро секој ден. За викендите излегувавме заедно оти касарните ни беа оддалечени речиси стотина метри, или можеби нешто повеќе. Неполни пет минути. Приказната е токму за далечината. Имено, Ѕвонко и Зоран беа одговорни во нивната касарна за разнесувањето на храната низ цело Сараево каде што имаше касарни. Секогаш поаѓаа од нашата касарна „Чичо – Вајнер“ и кога поминуваа откај мене (јас работев во библиотеката), ќе ми свирнеа, а јас ќе излезев и ќе земев што имаа да ми дадат од храна: сланина, млеко во прав, месен појадок, тортички, слатки, сокови и што ли уште не. Тие беа многу работливи и што е најважно предвреме ја завршуваа работата и потоа беа слободни.

Еден ден во нивната касарна, каде што ја истоварувале последната храна, почнале да работат на внесувањето од камионот во магацинот. Бидејќи вратите била ниски, а камионот висок, храната морало рачно да ја внесуваат. Сега да обајснам малку илустративно. Од влезот во магацинот до местото каде се истоварала храната имало педесетина метри, па Ѕвонко и Зоран се договориле едниот да ја зема храната од камионот (којшто бил оддалечен од магацинот триесетина метри), а другиот да ја преземе и да ја носи до местото, за полесно и побрзо да завршат. Кога биле при крајот на растоварувањето, од страна застанал главниот старешина на касарната, некојси полковник беше, сега не се сеќавам на името, но тоа не е важно. Застанал и ги набљудувал. Не можел да си поверува на очите. Толку оддалечено, а толку брзо растоварување. Гледал, гледал и не можел да му се изнагледа на војникот.

Овде следи другото објаснување.

Кога Ѕвонко (којшто истоварал од камионот) го видел полковникот, му кажал на Зоран: „Зока, надвор е пуковнико и гледа оти растовараме, он мисле оти сум сам и нешто гласно коментира: мајку му, мајку му, док уѓе – изаѓе. Јас штом ќе влезам во магацинот ќе се скријам зад вратата, а ти продужи да носеш, кога ќе ја истовареш храната, подај ми рака и јас ќе излезам.“ Така Ѕвонко одел до вратата на магацинот, Звонко ја преземал, Ѕвонко се криел и повторно така и така. На полковникот никако да му текне оти се двајцата близнаци и постојано, дури сега при крајот, почнал гласно да коментира: „Ај мајку му јебем, док уѓе – изаѓе, па, па, пааааа!!!!

Откако ја растовариле храната, Ѕвонко му кажал на Зоран да не излегува. Кажано – сторено. Тргнал Ѕвонко да оди кон камионот, а полковникот (сега ми текна, се презиваше Џурџевац), кого Ѕвонко се правел оти не го гледа, викнал на сет глас, така што можела целата касарна да го чуе:

– Стани војниче!

– Стао сам, друже пуковниче!

– Који си број војне поште и из које касарне си?

– Из ове касарне, друже пуковниче!

– Како се зовеш?

– Војник Ѕвонко Тодоровски!

– Који ти је старешина?

– Капетан Халованиќ!

– Реци му одмах по завршетку радног времена да те доведе код
мене у канцеларији!

– Разумем, друже пуковниче!

Заминал полковникот, а Зоран излегол од магацинот. Ѕвонко му кажал на Зоран што рекол полковникот, па сега требало да го известат старешината, капетанот Халованиќ, за сè што се случило.

Отишле, нели рековме работата предвреме ја завршувале, кај капетанот и му кажале сè од ред до ред. Капетанот рекол оти мора да ги однесе и двајцата. Само што тропнал и влегол полковникот, му рекол да напише веднаш 15 дена наградно отсуство на војникот Тодоровски Ѕвонко. Капетанот сакал да му објасни, а полковникот нервозно рекол: Нема ама, где ти је војник. На ова капетанот повторно сакал да каже нешто, дури бил и изнервиран. „Шта је, шта стојиш?“

– Друже пуковниче, он није један, они су два близанаца.

– Ух, мајку му јебем, како нисам то приметио, али брзо су радили и да су били два. За сат времена су растоварили цео камион (нели рековме оти последната храна ја растоварале во нивната касарна). Обоици дај по 15 дана наградни и нека им је са среќом./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: