101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
За кумот и кумашинката
Меѓу Н. Н. и К. К.
Пишува: Доне Донев
За оваа случка зборуваше цел град. Тоа беше времето кога германската валута – марката ја заменија со еврпопската – еврото (повеќето земји на Европската Унија ја користат). Значи почетокот на овој век. Бидејќи речиси цел град знае за кои луѓе се работи, јас решив да ги пишувам со измислени иницијали.
Си живееле некои кумови со нивните кумашинци мошне добро. Не мошне добро, туку одлично. Како кумови и кумашинци. Кумашинот бил десетина години во Италија, а кумот работел во некоја приватна фирма. Тоа беше времето кога се вршеше приватизација на државниот имот во приватен. Кумот бил коцкар на големо. Заедно со кумата се договориле летото оти дошло времето кога требало да ја реновираат бањата (кочански – купатило, иако лично сметам оти КАПАТИЛО е најправилно). Кумот ги прокоцкал парите (тогаш почнаа на големо да работат и казината) и само одолговлекувал и одолговлекувал, чекајќи да си дојде кумашинот да му побара пари на заем. Им требало отприлика две илјади евра.
Дошол кумашинот. Се сретнале со кумот. Натаму-наваму, кумот му кажал на кумашинот во што е работата, ама му рекол договорот да си остане меѓу нив двајцата. Кумашинот му ги дал парите на кумот и му рекол оти ќе си стои на зборот, ама кумот парите до Нова година да му ги врати. Се договориле и се поздравиле. Ги зел кумот парите и ја завршил градбата на бањата. Кумот по месец-два ја сретнал кумашинката и од далеку й рекол оти откако знае за себе и за неа, таа му се допаѓа. Кумашинката рекла оти не може
да поверува во тоа што го слуша. Кумот бил упорен. И вториот и третиот пат кога се сретнале й го кажувал истото. Најпосле й рекол оти ќе й даде 100 евра, па ако треба и 200 само и само да се заврши работата. Таа заминала без одговор. Следниот пат й рекол дека ќе даде не 200, не 300, туку 500 само да се најдат и да се заврши работата. Успеал некако да ја убеди. Се сретнале на фиљан место. Се свршила работата. Така уште трипати. После й рекол оти се сомневал во некој оти ги следел и ќе паднело срам, па некое време да прекинат. Минале шесте месеци. Дошол кумашинот и го викнал кумот на гости. Почнале вообичаен разговор и дошле на темата за парите, па кумашинот рекол оти дошло времето кумот да му ги врати парите. Тука била и кумашинката. Кумот го ислушал и му рекол на кумашинот:
Кумашине, па нели ти кажа кумашинката оти ја на четири пати й ги дадо сите пари. Точно 2000 евра. Така ли беше кумашинке?Те, ја имам и запишано на кои дати било.
Кумашинката се вцрвила и едвај проговорила:
– Така беше куме.
Се вцрвила уште повеќе и излегла од собата.
Што се случило понатаму не знаеме. Само знаеме оти кажала на кумата и й рекла ако може барем нешто да й врати./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов