„Секој петок по една“ – За Ордените на Тито

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

За Ордените на Тито

Меѓу Јуската П. и Тито

Раскажува Јуската П. дека за време на Втората светска војна учествувал уште на самиот почеток против окупаторите во Македонија. Некој ден во близината на Пробиштип, некаде есента 1943год. дошло до невидена борба помеѓу партизаните и Германците. Јуската бил во првите борбени редови. Сè што ќе видел од непријателска сила – убивал. Позади него слушнал некој како гласно вика:
„Овакав војник, овакав партизан нисам још видио никуда.“ Се свртел и лицето му се сторило и познато и не, но кога се приближил, близу до него видел дека тоа е никој друг, туку маршалот Јосип Броз – Тито. Кога завршила битката, се запознале одблизу и Тито му рекол ако го изберат за некоја висока функција по ослободувањето на ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија), што и да побара Јуската, ќе биде услужен оти ваков партизан мајка сè уште не родила. Завршила војната, а Тито го избрале за претседател на ФНРЈ (подоцна СФРЈ – Социјалистича Федеративна Република Југославија). Јуската станал милиционер. Летото на 26 јули 1963 година Скопје го зафатил земјотрес од невидени последици. Требало да се помага. Милицијата и војската биле во првите редови за помош. Како што вели Јуската, ги избрале само крупните и работоспособните. Требало да се расчистува. Во посета на Скопје дошол лично Јосип Броз – Тито за да ја согледа ситуацијата. Ги викнале најработливите пред претседателот за лично да се поздрави и да им честита за нивната несебична помош во расчистувањето на урнатините.

Тргнал Тито од човек на човек и стигнал до Јуската. Но на прв поглед не го познал оти минале дваесетина години. Но пред да отиде кај претпоследниот, како нешто да му светнало во главата и повторно се вратил кај Јуската. Се загледал поубаво еднаш, и уште еднаш, и му рекол:

– Јуска, ти ли си бре?

– Јас сум, друже Тито.

– Извини, извини, нисам те препознао.

– Ништа, друже Тито, ништа.

Тогаш Тито се свртел кон својата сопруга со којашто одел секаде и пред сите рекол:

– Овај момак је био најбољи партизан, а сада видим и најбољи радник. Јованко, отвори ташну, дај једну златну медаљу за труд.

Јованка ја отворила чантата, извадила еден златен медал и му го дала на Тито, а Тито пред сите го закачил на палтото на Јуската, при што се чул громогласен аплауз. Се изгушкале што се изгушкале, па Тито и неговата сопруга Јованка тргнале да си одат. Но само што тргнале, Тито повторно се вратил кај Јуската и сите занемеле. Што ли сега ќе се случи? Да не се предомислил Тито? Дошол Тито кај Јуската со Јованка и й рекол оти многу му се допаѓа како му стои медалот на Јуската, па й рекол на Јованка:

– Гледаш ли како лепо му стои. Имаш ли још једну?
Јованка одговорила потврдно.

Јованка извадила уште еден златен медал за труд и му го дала на Тито. Тито му го закачил и вториот медал на Јуската, а сите што биле присутни на смотрата го наградиле Јуската со аплауз./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: