„Секој петок по една“ – Зоран и чаршафот

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Зоран и чаршафот

Меѓу Зоран К. и актерите од Домот на културата

Пишува: Доне Донев

Во Домот на културата ја подготвувавме драмата „Недоиспеана свадбена песна“ (за Григор Прличев). Меѓу статистите беше и Зоран К. којшто беше многу учтиво момче. Секогаш сакаше да се насмее и да каже некоја шега. Неговата статистичка улога беше да влезе на сцената, да стави еден чаршаф на масата, да стави двечаши и едно шише со „ракија“ и да каже: „Дедо владика, Ве вика парамената…“ и да си излезе од сцената.

Чаршафот го носеше на рамето, а послужавникот на којшто се наоѓаа чашите и „ракијата“ ги држеше во рацете. Секогаш кога ќе влезеше на сцената го носеше чаршафот и послужавникот и никогаш не го ставаше чаршафот. Забораваше. Му рековме на премиерата тоа да не му се случи оти нема да го водиме (шетаме) никаде. Премиерата почна, а ние стоевме и чекавме да ни дојде редот.

Дојде редот и на Зоки.

Го стави чаршафот на рамето, го зеде послужавникот со чашите и „ракијата“, излезе на сцената и пак заборави да го стави чаршафот. Му остана на рамето. Ние шептевме, шептевме, ама Зоки ништо не
слушаше. Кога дојде зад сцената, му рековме оти пак заборавил, а
тој рече:

-А бе, шо ако сум забравил, па владиците и без чаршаф можеда се опукат (мислеше опијанат)./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: А.Арсов

Сподели: