101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Капење во Злетовица
За Лазо Буфчо и Димче од Лепопелци
Пишува: Доне Донев
Димче од село Лепопелци беше близок другар со Лазо Буфчо. Кога Буфчо одеше во Лепопелци, само кај Димче престојуваше.
Еден ден кога групата на Лазо Буфчо отишла кај Димче (кого народот го викаа „внукот на Тито“), заседнале и се напиле добро. По јадењето и пиењето требало да продолжат да одат за Пишица.
Стигнале до реката Злетовица, ама таа била надојдена, не многу, но доволно да не можат да ја поминат. Викнал Димче некои од селаните да ги пренесат тројцата содружници на Буфчо, а самиот рекол оти ќе го пренесе Буфчо. Речено – сторено.
Обуле селаните високи чизми.
Тргнале кон Злетовица и секој го зел својот гостин да го пренесува. Како што бил договорот, Титовиот внук го качил на „чукш“
Лазо Буфчо. Само што минале неколку чекори, Димче го прашал Буфчота:
-Бате Лазо, сеќаваш ли се оти ме намести да ме исклучат одпартијата?
-Сеќавам се, рекол Буфчо.
-Сеќаваш ли се оти за ништо ме испадија само ти да седнеш у фотелјата?
-Сеќавам се, рекол Буфчо.
А бе, бате Лазо, ти многу си се сеќавал и имаш добро памнење, рекол Димче. Застанал на среде Злетовица, го испуштил Буфчота во реката и му рекол:
-Е, па, бате Буфчо, оти ти ногу се сеќаваш, верувам оти и наовоа ќе се сеќаваш, и тоа дл’го време./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: И.Матеничарски