„Секој петок по една“ – Картање

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Картање

Меѓу мене и Петре В.

Пишува: Доне Донев

За време на студиите, во бараките во студентската населба „Стив Наумов“ се правеа разноразни забави. Имаше диско, игранки, музика во живо, претстави и секаков вид други активности, како што беа спортските игри и натпревари во фудбал и кошарка. Но најмногу „забавни“ игри беа игрите со карти. Толку многу се карташе, да не речем коцкаше, што чинам немаше студент што не се коцкаше. Се играа најразлични игри со карти: санс, преферанс, реми, покер, табланет… Но, чинам најмногу се играше покер. Јас не бев исклучен од тие активности, напротив една цела година бев активно вклучен. Табланет се играше, и од седум добиени партии кој ќе изгубеше на победникот плаќаше најчесто еден жетон што го носевме за во менза да го земеме приборот (чинеше како еден билет од Скопје за Кочани). Но најмногу од сè беше популарен покерот.

За оние што не знаат, се игра од седумка до „поп“ и како најсилни се асовите или кецовите. Најдобрата комбинација е кентафлеш. Тоа се наредени картите од 10-ка, 12-ка, 13-ка, 14-ка и ас на крајот или кец. Сите да се во иста боја, а најјака, најдобитна е кентафлеш во срце боја. Многу објаснував, главното не го кажав.

Во 12-та барака, соба 4 се играше скоро секоја вечер. Една вечер и јас отидов. Мој соученик (тој учеше економски, јас гимназиски паралелки) беше им ги собрал сите пари на сите што беа во собата. Останаа само двајца, прашав дали примаат и трет. Ме примија и јас се вклучив. Противникот по само две–три игри ги изгуби парите, па останавме само јас и Петре В. (сега е мошне успешен бизнисмен, мислам има голема конфекција). Игравме до доцна, дури некаде во утринските часови. Бидејќи Петре им ги беше собрал на сите парите, навиваа за мене. Некои од нив одвреме-навреме божем ненамерно ќе ѕирнеа во картите на Петре и со ишарет ќе ми кажеа дали да плаќам или не. Некаде во утринските часови имавме изедначено пари. Беше околу 2 и 30 часот. Петре побара една карта, јас побарав три. Петре побара една сума на пари, јас му платив и реков уште толку. Петре не само што плати, туку и ми побара пари колку што ми беа останале. Јас му платив. Тоа беа и неговите и моите последни пари. Ме праша што имам од карти во раката. Му реков:

– Јас имам три џандара (три 12–ки), а ти што имаш?

Тој видно изнервиран ги фрли картите на земјата и рече:

– У пичку материну, ја имам два пара попове со џандари, а он три џандара. Ебати среќата. Така е кога вие само галамете, кажувахте му шо имам и сакаате само и само да изгубам. Сега ебете си мајката и никој да не ве видам кај мене.

Јас си ги собрав парите, а тој изнервиран не ги ни погледна моите карти. Јас имав само два џандари. Одев на ризик. Сите излеговме, кога некаде во 3 часот некој толку силно удри на вратата што чинам ќе ја скршеше. По гласот го препознавме Петрета, којшто на сет глас извика:

– Отварај вратата и враќај парите, пизда ли ти материна! Од дека у картите пет џандара, има само четири!

Сите во бараката почнаа да се смеат од неговото гласно коментирање, а еден мој цимер (Миле од Битола) извика:

– Петреее, ќор карти не игра и немој уште еднаш да си удирал по вратата оти ако станам ќе ти ја скршам главата!

Петре замина заканувајќи ми се оти јас и тој ќе сме се виделе утредента.

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: