„Секој петок по една“-Кафето „Агроплод“ -Кичево

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Кафето „Агроплод“ -Кичево

За професорот Валентин Б. и мене

Пишува: Доне Донев

Осогово. Пониква. Одморалиште за деца и младинци. Осудесеттите години на минатиот век. Инфлација од 800-1200%. Кај фурната горе кај воените објекти имаше продавница за прехранбени артикли.

Продавач беше Стојчо Т., или попознат како Мрзата (лично сметам погрешен му е прекарот оти е спротивен на неговиот карактер – многу е работлив). Нејсе. Таму бев како воспитувач на деца и младинци од Кочани. Имаше и гости од цела Македонија, како и од Крижевци, Република Хрватска.

Пред ручек, околу пладне случајно се сретнав со еден од нашите најголеми спортски работнци што ги имало Кочани воопшто. Беше селектор и тренер на една наша репрезентација. Тоа беше господинот Насе. Н. Само што се имаше вратено од Кина. Ми евоцираше спомени. Почнаа да доаѓаат еден по еден многу пријатели. Се насобраа околу десетина, а можеби и повеќе. Јас го кажував истиот штос, а сите се смееја.


Се работеше за следново: Кој како што доаѓаше, ме слушаше како на Насе му кажувам оти кај Стојчо кафето е 8000 динари, а во градот е 25000 динари (тогаш имаше динари, а не денари). Со Насе се имавме „уиграно“ и го повторувавме истото. Ќе речеше:

-А убаво ли е, каква марка?

-Мошне убаво и квалитетно: „Агроплод“ – Кичево.

На ова некој од присутните ќе изреагираше оти не точно дека е од Кичево „Агорполд“, туку од Ресен. Јас само ќе му кажев да ти е.ам газот тесен. Така, како што се зголемуваше толпата, истиот штос стануваше сè посмешен и посмешен.

Последен дојде профеосорт Ваљо (сега во пензија). Дојде да види што толку смеа е тоа.
И ние со Насе мртви сериозни, од почеток истиот разговор. Ваљо реагираше како и останатите:

-Дончо (така ме викаше), џабе те школувавме, па ти си неписмен и неупатен. Па не е „Агроплод“ – Кичево, туку Ресен.

Само што го кажа тоа, сите гракнавме во смеење, јас ништо не реков, а професорот самиот си прокоментира:

-Aaaa, мене ли ме насанкавте – и лут си замина, а ние останавме да се смееме./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: