101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Коката и Тошо Чавката
Пишува: Доне Донев
Меѓу Никола К. и Тодор А
Никола К. беше еден од најталентираните актери во Кочани.
Кажуваат оти тој и Митко Глумецо (се работи за Митко Тодоров) кога во Кочани имало професионален театар, публиката одела само заради нив да ги гледа. „Коката“ – доволно е само да се каже тоа и ништо повеќе. Сите го знаевме како „Коката беше човек – сцена“. Толку беше природен и досетлив што секоја улога ја запомнуваше со едно прочитување и можеше во секое време да импровизира. Го биваше и за смеи до солзи.
Во Домот на културата имаше и оркестар со којшто раководеше Тодор А. кого на прекар го викаа Чавката. Што да ви кажувам за него. Немаше инструмент на кој не знаеше да свири. Од него многу кочанчани научија да свират на многу инструменти. Само што ќе ја чуеше композицијата, веднаш ја знаеше напамет. Работеше како телефонист во „РУЕН“ – фабриката за автомобилски делови, сега „ТИНГ РУЕН“ во сопственост на Славе.
Еден ден Коката решил да се пошегува со Тодор Чавката, па отишол кај директорот Боце, му побарал да се јави на телефон, а Боце дозволил. Се јавил Коката во „РУЕН“ и разговорот течел вака:
– Ало, добар ден!
– Добар ден!
– Од Комитетот се јавуваме (се мислело на Сојузот на комунистите). Руен ли е тоа?
– Руен е, кој ви треба? – Чекај, чекај, ако е Руен, кој е на телефон? Тошо.
– Кој Тошо, не е еден Тошо у Руен?!
– А бе Тошо, одговорнио на централата?
– Чекај, чекај, тај ли нискио? – намерно рекол Коката, иако Тодор А. беше висок.
– Не бе, онај високио, шо седе кај црквата.
– А бе има ли тај Тошо некое презиме, некој прекар, рекол Коката.
– Е па има. – Како ти е прекаро, може те знам?
– А бе, како да ти кажам… е па Чавката ме викат. –
Да ти се серам у клуно, рекол Коката и му ја затворил слушалката./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.
Адаптација: И.Матеничарски