101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
КОНКУРС ЗА ДИРЕКТОР
Пишува: Доне Донев
Меѓу Стојан Џамо и гостин од Србија
Стојан Џамо работеше како возач во фабриката за целулоза и хартија.
Во почетокот фирмата добро работеше, но полека почна да тоне и да пропаѓа, па никој не се нафаќаше да биде директор. Бил распишан конкурс (тогаш на ниво на СФРЈ). На конкурсот се јавил еден само човек, и тоа дури од Белград. Требало да допатува со авион. Претходно со раководството се договориле да го пречекаат на аеродромот во Скопје, за да стигне навреме на закажаниот разговор.
Го пуштиле Стојан да го пречека гостинот, ама не му кажале кој е и што е. Негова задача било само да го пречека. Го пречекал, му ги ставил торбите во колата и тргнале кон Кочани.
Почнале разговор „кај си, што си, што работиш, семејство и вообичаените работи, за оризот…“ За тоа што бара гостинот во Кочани не станало збор оти на Стојана му кажале ништо службено да не зборува.
Пред Велес гостинот го прашал Стојан дали има кандидати за директор, а Стојан не знаејќи кој е човекот, му рекол: – Нафанал се некој будала чак од Белград. Ќе си го виде аиро. Ние не сме земале шест месеца плата, а он чак од Белград доаѓа. Гостинот се подразмислил и му рекол на Стојана:
– Мајсторе, враќај накај Титов Велес и остај ме назад на аеродромот./крај
БОНУС
ВО СТОКОВНА КУЌА
Пишува: Доне Донев
Меѓу мене и продавачката
Додека студирав се шетав многу пати низ трговскиот центар, а некогаш влегував и во стоковната куќа „Меркур“.
Еден ден со мојот другар Борчо (Борис Николов) влеговме и отидовме до штандот за долна облека. Пристапивме до продавачката и со она куртоазно „добар ден“, „добар ден“,следеше моето прашање:
– Ве молам, имате ли долни гаќи?
– Имаме, љубезно одговори продавачката.
– Со здравје да си ги носите, реков и си заминавме./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.
Адаптација: И.Матеничарски