September 28, 2020

„Секој петок по една“ – Коњот

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Коњот

Меѓу Буфчо и еден Ром

Пишува: Доне Донев

Буфчо на времето, кажавме, бил судија за прекршоци.

Некој Циган (сегашно Ром) бил обвинет оти украл некој коњ, па сега треба да плаќа казна или да оди во затвор. Дошло до судење, а тој отишол со својата сопруга како поддршка. Буфчо го прашал зошто го украл коњот и да му ја раскаже целата вистина, во спротивно ќе викне милиционер и ќе го истепаат (во тоа време на милиционерите им беше дозволено да тепаат колку сакаат), па мора да каже сакал или не. Обвинетиот Ром почнал вака:

-Друже судија, овака беше. Еден ден ја ојдох да берам круши. Качих се на јабуката у ливадата шо беше. Почнах да берам кога гледам под мене коњ. Набрах јабуките од крушата и одма спаднах на коњо. Коњо беше до крушата, па ја место на земјата, спаднах на коњо. Он одма ме изнесе од ливадата и ја тргнах…

-Чекај, чекај, му рекол Буфчо. Како тоа брал си јабуки од круши и одма на коњо? Ти бе слеп и улав ли ќе ме правеш. Дека ти е коњо, кажувај?! Ти или си го продадел или си го заменил со нешто.

-Друже судија, у право си, с’га ми текна. Ја го однесо на пазаро и не го продадох, туку го мењах за пари.

-Тука те чекам, мангуп еден. Или враќај коњо или парите, ако не и затвор ќе одеш и ќотек ќе јадеш. На оваа констатација изреагирала сопругата на обвинетиот:

-Аман, друже судија, прости му на мојто момче. Нема он никој. Нема мајка, нема татко, тетка му го роди.

На ова сите што биле во судницата, од записничар до сведоци, ама баш сите, слатко се изнасмеале./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски