101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Куме, да не се накапаш
Меѓу Љупчо Г. (викан Чек’ро) и кумашинот
Пишува: Доне Донев
Љупчо Г. беше наставник во ЦОУ „Раде Кратовче“. Беше одличен предавач, строг и принципиелен. Бараше дисциплина и работа. Не потценуваше никого од која било гледна точка. Дали е Ром, Турчин, Влав или што и да е. Беше најстрасниот навивач на ФК „Осогово“.
Од таа страст кон фудбалот се зближил со сите фудбалери, а особено со Митко А., познат кај народот како Дандарата. Митко А. беше најдобриот центархалф на сите времиња на ФК „Осогово“. Таков фудбалер се раѓа на сто години еднаш.
Така нивното пријателство прераснало во кумство. Дошло време да се жени Митко. На свадбата сè што имало најдобро и најубаво му принеле пред наставникот Љупчо, пред кумот де. Му принеле и печена кокошка. Дошол келнерот, ја исекол на парчиња и им посакал пријатна вечера. До Љупчо седел некој близок роднина на Митко А. Кога Љупчо се наведнал да го земе копанот од чинијата, роднината пред него ја пружил раката, го зел копанот, го излижал, го излижал убаво од сите страни и му рекол на Љупчо:
– Куме, изволте јади, чист е копанот, нема да се накапаш./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов