101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Лотарија, 3
Меѓу мене (Доне Донев) и професорот Живко Д.
Пишува: Доне Донев
По година или две, не се сеќавам, решив истата шема да ја направам во училиштето во коешто работев и работам сè уште – во гимназијата „Љупчо Сантов“. Да не повторувам оти во вторник извлекување, во среда резултати итн. Јас имав роденден и решив некои од помладите професори да ги почестам (долу во подрумските простории имаше бифе) во бифето со пијалак и нешто мезелак. Се договоривме со колегата Благој С., кого го викаа Багата, да пуштиме верзија оти ми се паднала седумката на лото.
По часовите слеговме во бифето, масите наредени. Пијалакот и мезето чекаа да наздравиме. Багата на професорот Живко Д., којшто не беше вклучен во играта, кога прашал за што се работи, му рекол оти ми се паднала седумката. Дојде професорот и на руски ме праша како сум и што има ново (професорот предаваше руски јазик). Му одговорив оти нема ништо и оти ете така сме решиле да се почестиме.
Професорот беше многу учтив, осетлив и внимателен. Навистина Руска школа. Седнавме, а до мене седна и професорот. Јас му реков на Багата да ми ги чита или каже бројките што се паднале на лотото. Багата диктираше, а јас божем кријам, а фактички отворено ги заокружував (и јас ја имав оставено седмата колона непотполнета, па по извлекувањето ја пополнив со добитната комбинација) бројките така што и професорот Живко Д. да види оти ми се „паднала“ седумката.
Полека ги заокружив бројките и прашав кој ќе се напие уште по една пијачка, а сите прашуваа зошто. Јас реков оти
сум многу среќен тој ден, за ништо друго. На тоа професорот Д. гласно извика:
– Донацо (така ме викаше) лаже. Све сам видио! (Понекогаш зборуваше и српски, да не кажам секогаш.) Он је добитник седмице која је једина у Југославији. Биќе новца Донац, биќе новца.
Сите почнавме да се смееме и јас му ја кажав целата приказна, а тој за чудо не ми се налути./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов