„Секој петок по една“ – Лото добивка 2

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Лото добивка 2

Меѓу Лазар К. и Киро К

Пишува: Доне Донев

Лазар К. беше стражар во „Руен“, а во слободното време беше и бербер. Ова како информација за да знаат читателите за кој човек се работи. Кај него во стражарницата на „Руен“ доаѓале многу, многу луѓе за време на паузите и пиеле кафе или таму појадувале. Имало и такви кои пополнувале лото ливчиња, ги давале на Лазар,а овој по куририте им ги уплаќал.

Еден ден дошол Киро К., го пополнил ливчето, му го дал на Лазо К., овој на курирот… Кога се вратил назад курирот, Лазар К. го зел ливчето и му го дал на КироК. Лазар К. ги запишал бројките од последната колона што ги уплатил Киро К.

Било понеделник, последен ден за уплата. Работеле втора смена. До 20 часот трае уплатата, а после не се примаат уплати. Утредента, во вторникот, се соопштуваат резултатите. Директниот пренос одеше и на радио и на телевизија. Лазар К. востражарницата имал некој транзистор на којшто го слушал преносот. Киро К. се договорил со колегите ако му се падне нешто од добивката – да чести, ако му се паднело седумката – ќе дал и цела гајба пиво, а ако треба и две.

Во вторникот кога завршило извлекувањето преку локалниот телефон му се јавиле на Лазар К. и го прашале кои бројки се паднале. Тој ден добивката била голема, па играле скоро сите вработени во „Руен“. Лазар К. рекол да почекаат да го земе ливчето и ќе им ги прочита бројките. Тој не ги читалбројките што ги извлекле,туку оние што ги видел од уплатата на Киро К. Додека Лазар К. ги соопштувал „добитните“ бројки,Киро К. скокал од радост.

По соопштувањето на бројките, Киро К. рекол оти си стои на зборот и ќе даде две гајби пиво оти кај него е седумката (која беше добитна комбинација). На паузата го разбудиле придавачот вечерта, донеле две гајби, Киро К. ги платил и ги испиле. Утредента кога ги соопштиле официјално резултатите, видел оти од добивката нема ништо и веднаш сфатил оти Лазар К. му ја „наместил“ седумката, па рекол:

-Не ми е криво за пивото, криво ми е шо ме заеба!/крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: